Неколку минути по писмото со кое стави крај на својата репрезентативна кариера, Лионел Меси објави уште едно збогување со Аргентина. Овојпат без долга порака – преку фотографии и снимки кои го следат неговиот пат од детските години до освојувањето на Светското првенство во Катар.
За музичка подлога на видеото Меси ја избра „Brindis“ на аргентинската пејачка Соледад Пасторути. Изборот не е случаен, бидејќи песната одамна е поврзана со аргентинскиот фудбал, а особено со генерацијата која предводена од Меси конечно стигна до светската титула.
Песна за жртвите, падовите и продолжувањето понатаму
„Brindis“ ја напиша продуцентот Афо Верде во 2006 година, кога Пасторути одбележуваше десет години од почетокот на кариерата. Замислена како личен поглед наназад, песната зборува за жртвите направени на патот, неуспесите, разделбите и раните, но и за желбата човек да продолжи понатаму и да наздрави за она што допрва доаѓа.
Токму затоа изборот на Меси добива дополнителна тежина сега, кога по повеќе од две децении го затвора своето поглавје со аргентинската репрезентација. Стиховите за долгото патување, пропуштените моменти со семејството и продолжувањето по разочарувањата лесно се поврзуваат со неговата сопствена приказна.
Од Марадона до Меси
Врската на „Brindis“ со аргентинскиот фудбал започнала многу пред светската титула во Катар.
На 7 октомври 2006 година, Диего Марадона присуствувал на концерт на Соледад Пасторути во театарот „Гран Рекс“ во Буенос Аирес. Марадона се качил на сцената, а пејачката на крајот од концертот ја извела „Brindis“, менувајќи дел од стиховите за да му ја посвети токму нему.
Години подоцна песната доби нов живот со друга аргентинска „десетка“.
Пасторути откри дека селекторот Лионел Скалони ѝ кажал дека фудбалерите ја пееле „Brindis“ на тренинзите, во репрезентативните кампови и за време на патувањата уште од Копа Америка во 2021 година.
И самиот Меси подоцна потврди дека песната има посебно значење за групата и дека ги придружувала и за време на Светското првенство во Катар.
Ја избра и по освојувањето на Светското првенство
Ова не е првпат Меси да ја користи „Brindis“ за еден од најважните моменти во својата репрезентативна кариера.
На 18 јануари 2023 година, точно еден месец по незаборавното финале против Франција, тој ја искористи истата песна за видео посветено на освојувањето на Светското првенство.
„Песната на Соле е значајна за нас. Прави да се чувствуваме добро, тоа се посебни моменти за нас“, објасни тогаш Меси.
View this post on Instagram
Два месеца подоцна, приказната доби уште поемотивен момент. На церемонијата што КОНМЕБОЛ ја организираше во Парагвај во чест на светските шампиони, Пасторути ја изведе „Brindis“ пред аргентинските фудбалери.
Кон крајот на настапот таа слезе од сцената, му пријде на Меси, го фати за раце, а средбата заврши со прегратка.
Истата песна, но сосема поинаков момент
Повеќе од три години подоцна, Меси повторно посегна по истата песна. Само што овојпат поводот не е трофеј.
Во 2023 година „Brindis“ беше музика за прослава на најголемиот успех во неговата кариера. Сега е музика за збогување со дресот што го носеше повеќе од две децении.
Песна напишана пред 20 години за една пејачка да погледне наназад кон првата деценија од сопствената кариера, на крајот стана музичка подлога за последниот поглед на Меси кон неговиот живот со Аргентина.
Од првите чекори во небесносиниот дрес, преку поразите и критиките, до Копа Америка и светската титула во Катар – целиот пат сега е собран во едно видео.
А за последниот кадар, Меси повторно ја избра „Brindis“.