Подготовки за избор на нов шеф на ОЈО ГОКК

Советот на јавните обвинители ќе одржи седница на која ќе бидат формирани комисии поврзани со постапката за избор на нов основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

  • 1 минута читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

На денешната седница, предвидено е формирање Комисија за подготвување кандидатски листи, како и Комисија за избор на основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК.

На огласот за избор на нов раководител на ова обвинителство пријавени се пет јавни обвинители. За МИА информациите ги потврди претседателот на СЈОРМ, Башким Бесими, а кандидатури поднеле вишиот јавен обвинител Јове Цветановски, обвинителот во Вишото јавно обвинителство и поранешен обвинител во СЈО Трајче Пеливанов, обвинителката од ОЈО Скопје Лидија Раичевиќ, како и обвинителите од ОЈО ГОКК Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи.

Според условите во огласот за избор на раководител на ОЈО ГОКК право на кандидатура имаат јавни обвинители со најмалку шест години непрекинат стаж во обвинителската функција до моментот на пријавувањето и со позитивна оценка во последните три години.

Нов основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК ќе се избира на 28 октомври.
Постапката се спроведува поради истекување на мандатот на актуелниот раководител на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој на функцијата беше избран во октомври 2022 година.

Најнови вести