Продолжен рокот за аплицирање во студентски домови

  • 1 минута читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Продолжен е рокот за бруцошите за аплицирање за сместување во студентските домови. Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ информира дека, по барање на бруцошите, доставиле барање до Министерството за образование и наука за продолжување на рокот за аплицирање за сместување во државните студентски домови, кое е прифатено од страна на МОН. Пријавувањето може да продолжи најдоцна до 30 ноември.

Првично, пријавувањето за студентите кои годинава првпат се запишуваат на факултет требаше да заврши на 20 септември. Проблемот се појави кај кандидатите од вториот уписен рок.

На дел од факултетите при УКИМ запишувањето е закажано за 21 септември, односно еден ден по првично утврдениот рок за аплицирање во студентските домови. Без завршен упис, тие не можат навреме да обезбедат потврда за редовен студент – еден од документите потребни при аплицирањето.

Конечните резултати за студентите од прва година треба да бидат објавени најдоцна до крајот на септември. Доколку по завршувањето на конкурсот останат слободни места, пријавувањето може да продолжи до пополнување на капацитетите, најдоцна до 30 ноември.

Конкурсот за бруцошите започна на 14 септември, а за нив се резервирани 699 од вкупно 3.498 места во студентските домови низ Македонија.

Најнови вести