Околу 20 лица, меѓу кои шест полицајци и 12 демонстранти, се повредени во Приштина за време на демонстрациите на приврзаниците на т.н. ОВК, кои бараат итно усвојување на измените на законот за Специјалниот суд во Хаг, по првостепените пресуди за четворица водачи на поранешната ОВК, осудени на вкупно 81 година затвор поради воени злосторства на Косово и Метохија.
Полицијата употребила солзавец за да ги оддалечи демонстрантите од зградите на Собранието и Владата во Приштина, додека демонстрантите фрлаа камења и пиротехнички средства и палеа контејнери, барајќи законот да биде изменет во целост.
Организаторите на протестот повикаа на собир околу зградите на Собранието и Владата и денеска, на последниот ден од уставниот рок за избор на претседател и за гласање во втор круг за измените на законот за Специјалниот суд, бидејќи во спротивно Собранието ќе биде распуштено и ќе бидат распишани нови предвремени избори.
Договор меѓу партиските лидери сè уште не е постигнат.
Албин Курти од движењето Самоопределување и Бедри Хамза од Демократската партија на синоќешната средба не постигнале договор за продолжување на процедурата и преминување кон гласање за законот за судот во второ читање.
Од Демократската партија наведуваат дека Курти го условил гласањето за измените на законот во второ читање со претходно гласање за претседател.