Штипски „Исар“ апелира на рационално користење на водата за пиење

Поради последиците од синоќешното невреме и прекинот на електричната енергија во пробиштипскиот регион, ХС „Злетовица“ има потешкотии во работењето, поради што водоснабдувањето во Штип може да биде отежнато или делумно прекинато.

  • 1 минута читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

ЈП „Исар“ – Штип утринава упати апел до граѓаните рационално да ја користат водата за пиење до целосно нормализирање на состојбата.

Причина се последиците од силното невреме што синоќа го зафати пробиштипскиот регион и предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија, поради што Хидросистемот „Злетовица“ се соочува со потешкотии во работењето.

Штип се снабдува со вода за пиење преку цевководот од ХС „Злетовица“, па проблемите во функционирањето на системот може директно да се одразат врз водоснабдувањето во градот.

„Поради силното невреме кое го зафати пробиштипскиот реон, како и прекинот со напојување со електрична енергија, ХС ‘Злетовица’ има потешкотии во работењето и снабдувањето со вода ќе биде отежнато или делумно прекинато. Поради тоа, замолуваме за крајно рационално користење на водата сè до нормализирање на состојбата“, соопштија од ЈП „Исар“.

Екипите на ХС „Злетовица“ се на терен и работат на санирање на последиците од невремето и нормализирање на водоснабдувањето.

Во меѓувреме, во општина Пробиштип продолжува санирањето на штетите од синоќешното невреме, а делови од општината сè уште се без електрична енергија.

Од Општина Пробиштип информираат дека, во споредба со претходното невреме, овојпат е регистриран помал број пријави за штети од граѓаните.

Најнови вести