Што да гледаме на Netflix во септември: Девет премиери што вреди да ги ставите на листата

Две „Златни палми“, враќањето на „The Gentlemen“ и „Dix pour cent“, нова сезона на „Monster“, приказната за Унабомбер и реално шоу посветено на ММА – Netflix подготвува богат септември за љубителите на филмови и серии.

  • 5 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Септември на Netflix носи програма во која има практично за секого по нешто. По богатата августовска понуда, стриминг-платформата влегува во новиот месец со наградувани филмови, враќање на популарни серии, true crime приказни, документарци и необично реално шоу во кое главната улога ја имаат ММА-борците.

Меѓу најголемите филмски адути се две остварувања наградени со „Златна палма“ во Кан – „Anatomy of a Fall“ и „Anora“, додека љубителите на серии ќе можат повторно да влезат во криминалниот свет на Гај Ричи со втората сезона на „The Gentlemen“.

Еве што пристигнува во текот на септември.

„Untold: Raygun – Breaking Badly“ – 1 септември

Пред Олимписките игри во Париз во 2024 година, Рејчел Ган, позната како Raygun, беше речиси непозната надвор од светот на брејкингот. Потоа настапи за Австралија на Олимпијадата и за само неколку минути стана глобален интернет-феномен.

Но виралната слава имаше и друга страна. Следуваа исмејувања, навреди и огромен притисок на социјалните мрежи. Документарецот преку архивски снимки, сведоштва и нејзината перспектива го следи патот од анонимна спортистка до една од најкоментираните личности на Олимписките игри и последиците што ненадејната слава ги остави врз нејзиниот живот.

Фото: CODE Sports

„Anatomy of a Fall“ – 1 септември

Еден од најнаградуваните европски филмови во последните години пристигнува на Netflix. „Anatomy of a Fall“ на Жистин Трие ја освои „Златната палма“ во Кан, а подоцна и Оскар за најдобро оригинално сценарио.

Сандра Хилер игра жена осомничена за смртта на својот сопруг, кој е пронајден мртов по пад од нивната куќа во француските Алпи. Нема очевидци, а истрагата постепено се претвора во детална анализа не само на неговата смрт, туку и на нивниот брак. Дали станува збор за несреќа, самоубиство или убиство?

Фото: Les Films Pelléas / Les Films de Pierre

„The Gentlemen“, сезона 2 – 3 септември

Криминалниот свет на Гај Ричи се враќа со втора сезона. Еди, кого го игра Тео Џејмс, и Сузи, во изведба на Каја Скоделарио, продолжуваат да работат во криминалната империја на Боби, но сè потешко ја прифаќаат неговата контрола.

Пред нив се отвора избор – да продолжат да играат според туѓи правила или да изградат сопствен пат. Британски хумор, криминал, насилство и беспрекорен стил повторно се главните состојки на една од најуспешните серии на Netflix од последните години.

Фото: Christopher Raphael / Netflix

„Dix pour cent“, филмот – 10 септември

Пет години по завршувањето на француската серија „Dix pour cent“, позната и како „Call My Agent!“, екипата повторно се собира, овојпат за долгометражен филм.

Агенцијата ASK повеќе не постои, а поранешните агенти продолжиле со своите животи. Андреа, која сега е режисерка, се подготвува за својот прв филм кога непосредно пред почетокот на снимањето останува без главниот актер. За да го спаси проектот, мора повторно да ја собере старата екипа.

Се враќа познатата актерска постава, а најавени се и гостувања на Ева Лонгорија, Џорџ Клуни, Летиција Каста, Лоран Лафит и Венсан Макањ.

Фото: Christophe Brachet / Netflix

„Anora“ – 11 септември

Само десет дена по „Anatomy of a Fall“, на Netflix пристигнува уште еден добитник на „Златната палма“.

Филмот на Шон Бејкер ја следи Анора, млада стриптизета која ненадејно се мажи за синот на богат руски олигарх. Нивната бајка трае сè додека неговото семејство не дознае за бракот и не пристигне со намера да го поништи.

„Anora“ лесно преминува од романтична комедија во хаотична комедија, а потоа и во драма. Филмот освои пет Оскари во 2025 година, меѓу кои и за најдобар филм, додека Мајки Медисон ја освои наградата за најдобра актерка.

Фото: Everett Collection

„As Bestas“ – 16 септември

За оние што сакаат бавни, напнати трилери, септември го носи и „As Bestas“ на шпанскиот режисер Родриго Сорогојен.

Дени Меноше и Марина Фоис играат француски брачен пар кој се преселува во рурална Шпанија во потрага по помирен живот. Но односите со локалните жители постепено стануваат непријателски, а навидум секојдневниот конфликт прераснува во нешто многу помрачно и поопасно.

Фото: Le Pacte

„Monster: The Lizzie Borden Story“ – 17 септември

По Џефри Дамер, браќата Менендез и Ед Гин, антологиската серија на Рајан Марфи и Ијан Бренан се насочува кон уште еден озлогласен случај од американската криминална историја.

Четвртата сезона ќе ја раскаже приказната за Лизи Борден, која во 1892 година беше обвинета дека со секира ги убила својот татко и маќеата во Фол Ривер, Масачусетс.

Главната улога ја има Ела Бити, ќерката на Анет Бенинг и Ворен Бити, а во актерската екипа се и Чарли Ханам и Вики Крипс.

Фото: Netflix

„Unabomber“ – 25 септември

Netflix продолжува со интересот за вистинските криминални случаи и со приказната за Тед Качински – математичкиот талент кој подоцна стана еден од најпознатите домашни терористи во американската историја.

Од 1978 до 1995 година Качински испраќаше и поставуваше бомби во кампања во која загинаа три лица, а 23 беа повредени.

Во новата продукција неговиот лик го толкува Џејкоб Тремблеј, додека Расел Кроу го игра психологот Хенри Мареј, кој на Харвард го подложил Качински на контроверзни психолошки експерименти години пред неговите напади.

Фото: Philippe Bosse / Netflix

„L’Arène“ – 30 септември

Септември завршува со нешто сосема поинакво – првото француско реално шоу посветено на ММА.

Во „L’Arène“ ќе учествуваат 38 аматерски борци – 19 жени и 19 мажи – кои ќе живеат и тренираат во голем Fight Camp и ќе минуваат низ физички и психолошки предизвици.

Нивните настапи ќе ги следат три големи имиња од француската ММА-сцена – Сирил Ган, Беноа Сен-Дени и Седрик Думбе. Победникот го очекуваат 100.000 евра и договор со професионална боречка организација.

Од оскаровци и победници во Кан до гангстери, историски злосторства и ММА – Netflix очигледно нема намера да дозволи враќањето во секојдневната рутина во септември да помине без доволно причини за уште една вечер пред екранот.

Фото: Netflix

Најнови вести