Вчера најновиот филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ имаше светска премиера во натпреварувачката програма на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио, фестивал од А-категорија.
„На Токио му дадовме шахта, а си земавме суши. Фер. Публиката дишеше со филмот. Се радувам што вака убаво го пуштивме во свет“, изјави по проекцијата, Манчевски од Токио. По премиерата, режисерот и главните актери од филмот Сара Климоска и Филип Трајковиќ учествуваа и на разговор со публиката пред јапонските и меѓународните медиуми.

По проекцијата и сесијата разговори, надвор од салата, следуваа долгу редици за автограм и фотографија од Милчо Манчевски и актерите. Некои од фановите имаа испечатено плакати од постарите филмови на Манчевски, „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“ или ДВД изданија и бараа потпис на нив.
Премиерата во Токио е многу важна за меѓународната видливост на новиот филм на Манчевски, истакна првиот човек на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.

„Светската премиера на Манчевски во Токио е уште една потврда дека во современа Македонија, филмот е нашиот најгласен, најсилен и најуспешен културен промотор. Преку нашите филмови, приказните, јазикот и авторскиот глас стигнуваат до публиката ширум светот. Затоа, Агенцијата за филм иницира промени насочени кон зголемување на филмскиот буџет и создавање подобри услови за работа на филмските работници. Милчо по четврти пат нè претставува на Токискиот филмски фестивал. Им честитам и нему и на целата екипа за премиерата во Токио и им посакувам филмот да продолжи да го привлекува вниманието на меѓународната публика и да бележи успеси на светската филмска сцена”, истакна првиот човек на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.
Манчевски и дел од филмската екипа присуствуваа и на отворањето на фестивалот и продефилираа по црвениот килим.

Покрај Манчевски, Климоска и Трајковиќ, на премиерата присуствуваа и продуцентот Јане Ќортошев и партнерите од Бугарија, Италија и Велика Британија, Галина Тонева, Лудовико Кантисани и Ју-Фаи Суен. На отворањето присуствуваа бројни филмски ѕвезди, како и извршниот директор на Академијата за филмски уметности и науки, Бил Крамер. На фестивалот се очекува да пристигне и оскаровката Кејт Бланшет.
