Во Загреб за денеска е најавен прекин на јавниот превоз и собирањето отпад, откако пропаднаа последните преговори меѓу синдикатите и градските власти.
Штрајкот може сериозно да влијае врз функционирањето на градот, бидејќи ЗЕТ Загреб (Загребски електричен трамвај) и Загребски холдинг обезбедуваат јавен превоз, собирање отпад и други услуги.
Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, изјави дека на последниот состанок не бил постигнат договор и ги обвини синдикатите дека ги прошириле барањата.
Тој посочи дека барањето на синдикатите во Загреб холдинг за зголемување на платите за 12 проценти, сега изнесува 13 насто, додека во Сообраќајното претпријатие ЗЕТ биле отворени и нови прашања.
Градоначалникот на хрватската метропола ги повика граѓаните да бидат трпеливи, да организираат заеднички превоз или каде што е можно, да работат од дома.