„17“ на Косара Митиќ е македонскиот кандидат за Оскар

  • 1 минута читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Долгометражниот игран филм „17″, во режија на Косара Митиќ и во продукција на „Црна Мачка Продукција”, е избран за македонски кандидат за наградата Оскар, во категоријата најдобар меѓународен долгометражен филм.

Одлуката ја донесе Комисијата за избор на национален кандидат за Оскар при Друштвото на филмските работници на Македонија, чиј состав е прифатен и одобрен од Американската академија за филмски уметности и науки: Марија Димитрова – претседател на Комисијата и продуцент, Антонио Митриќески – режисер, Дејан Димески – директор на фотографија, Иван Бартлинг – сценограф, Георги Унковски – режисер, Теута Ајдини Јегени актерка и Сара Ферро – продуцент.

Во филмот играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маник, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.

Во изборот оваа година беа пријавени два долгометражни играни филма: „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума и „17″ на Косара Митик.

Свеченото доделување на 99. награди на Американската академија за филмски уметности и науки ќе се одржи на 14 март 2027 година во Лос Анџелес. Листата на филмови кои ќе влезат во потесниот избор за Оскар ќе биде објавена на 15 декември 2026 година, додека номинациите за 99. Оскари ќе бидат објавени на 21 јануари 2027 година.

Најнови вести