Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца го презентираше Годишниот извештај за 2025 година.
За 54 проценти е зголемен бројот на деца сторители на прекршоци во 2025 година. Санкции се изречени против 1.132 деца, четири од нив завршиле во затвор, а се зголемило и барањето за отштета. Расте бројот и на девојчиња кои што вршат насилство.
Како еден од најзначајните предизвици се издвојува неисполнувањето на законската обврска за формирање општински совети за превенција на детско престапништво во голем број општини. Претседателката на Државниот совет, Гордана Лажетиќ, ја истакна потребата од посветен и координиран институционален пристап кон превенцијата на детското престапништво.
„Формирањето на општинските совети за превенција на детско престапништво не треба да биде само формално исполнување на законската обврска, туку основа за континуирана и организирана превенција на локално ниво. За нивното функционирање неопходни се финансиски средства, годишни програми за работа и активна вклученост на локалните институции“, рече Гордана Лажетиќ, претседателка на Државниот совет.
Во извештајот се посочува дека недостигот од финансиски средства во буџетите на единиците на локалната самоуправа е една од главните пречки за спроведување на активностите на општинските совети.
Државниот совет препорачува преземање конкретни мерки за обезбедување услови за нивно ефективно и континуирано функционирање. Меѓу препораките е и изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, со цел појасно да се утврдат надлежностите и одговорностите на градоначалниците и советите на општините во однос на формирањето, поддршката и функционирањето на општинските совети за превенција на детско престапништво.
Државниот совет констатира дека и во текот на 2025 година од одредени судови не биле доставувани податоци или биле доставувани несоодветни и нерелевантни податоци согласно индикаторите за следење на примената на Законот за правда за децата.