Стојаноски: Крај за неизвесноста на хонорарците, ВМРО-ДПМНЕ со предлог закон за трансформација во редовен работен однос

  • 5 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Пратеникот Бојан Стојаноски го претстави новиот предлог закон за трансформација во редовен работен однос.

Со ова вели се исправа децениска неправда и се решава проблем кој со години беше премолчуван, одложуван и префрлан од една институција на друга.

Проблем зад кој не стојат само договори, документи и административни процедури, туку човечки судбини, семејства и луѓе кои со години живеат во неизвесност за својата иднина.

-Токму затоа, денеска го претставуваме Предлог-законот за трансформација во редовен работен однос.

Законско решение со кое пристапуваме кон системско решавање на еден долгогодишен проблем и воспоставување јасни правила за трансформација на договорните ангажмани во редовен работен однос на неопределено време.

Нашата цел е едноставна: луѓето кои со години чесно работат и придонесуваат за институциите да добијат правна сигурност, достоинство и права кои произлегуваат од редовниот работен однос.

Со години во јавниот сектор се создаваше состојба во која луѓе извршуваат редовни и континуирани работни задачи, но формално остануваат привремено ангажирани.

Работат рамо до рамо со своите колеги, ги извршуваат истите или слични обврски, но немаат еднаков работноправен статус.
Немаат сигурност на работното место, ги немаат сите права на платен одмор, социјално и пензиско осигурување кои произлегуваат од редовниот работен однос, изјави Стојаноски.

Додава дека ова не е само административно прашање, ова е прашање на човечко достоинство. Затоа што како што вели зад секој ваков договор стои човек кој сака да го планира својот живот.

-Затоа пристапуваме кон конкретно, системско и законски уредено решение.
Што конкретно предвидува законот?
Прво, се овозможува трансформација на договорните ангажмани во редовен работен однос на неопределено време за лицата во институциите опфатени со законот.

Второ, утврдуваме конкретни рокови за реализација.

Трето, обезбедуваме заштита на луѓето додека трае постапката.

Четврто, воведуваме ред и одговорност во идните ангажирања.

Петто, целиот процес ќе се спроведува со финансиска контрола.

Станува збор за лица ангажирани со договори на определено време, договори на дело, авторски договори, преку агенции за привремени вработувања и други договори за извршување работа.

Со решението се опфаќаат органите на државната власт, определени јавни установи од областа на здравството, културата, детската и социјалната заштита, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, заводите, фондовите и другите институции утврдени со законот.

Предвидени се и конкретни исклучоци од опфатот, кои се прецизно наведени во законскиот текст.

Стојаноски појасни дека согласно предложениот закон, од опфатот се изземени акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, како и високообразовните и научните установи.
Исто така, изземени се Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Бирото за јавна безбедност, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање.

-Ова го нагласувам затоа што сакаме граѓаните да имаат точна информација за опфатот на законот, без нејаснотии и без создавање погрешни очекувања.
Правото на трансформација ќе се однесува на лицата кои имаат важечки договор на денот на влегувањето во сила на законот и чиј договор останува важечки во моментот на трансформацијата.

Второ, утврдуваме конкретни рокови за реализација.

Институциите ќе имаат обврска во рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот да ги склучат договорите, односно да ги донесат решенијата за вработување.

Притоа, трансформацијата ќе се реализира фазно.

За најмногу 50 проценти од опфатените лица, договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш со нивното потпишување, односно донесување.
За преостанатите лица, договорите и решенијата ќе стапат во сила најдоцна до 31 декември 2027 година.

На овој начин обезбедуваме постепена, организирана и финансиски одржлива реализација на процесот, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително тој рече дека е предвидена важна обврска за институциите.Таму каде што е потребно усогласување на актите за систематизација на работните места за да се спроведе трансформацијата, институциите ќе бидат должни тоа да го направат најдоцна во рок од 14 работни дена од влегувањето во сила на законот.

-Нашата намера е постапката да биде јасна, организирана и со конкретни обврски за институциите, а не граѓаните повторно да останат заглавени во административни процедури.

Трето, обезбедуваме заштита на луѓето додека трае постапката.
Ова е особено важно.

Законот предвидува институциите да не смеат да ги раскинуваат договорите на опфатените лица додека не стапат во сила нивните решенија за вработување, освен во случаите на повреда на договорните обврски согласно законот.

Со други зборови, воспоставуваме механизам луѓето да не ја изгубат работата додека чекаат да се реализира нивната трансформација.

Особено сакам да потенцирам дека законот предвидува заштита и континуитет на ангажманот за лицата чии решенија за вработување нема веднаш да стапат во сила.

Лицата за кои ќе бидат склучени договори или донесени решенија за вработување ќе продолжат со ангажманот во институцијата сè до стапувањето во сила на тие договори, односно решенија.

За овие лица нема да важат новите ограничувања за договорните ангажмани додека ја чекаат реализацијата на трансформацијата.

Четврто, воведуваме ред и одговорност во идните ангажирања.Ова законско решение не треба само да го реши постојниот проблем.

Тоа треба да спречи истиот проблем повторно да се создава.

Затоа, од 1 јануари 2028 година, за институциите опфатени со законот ќе започне да се применува ограничување според кое ангажирањата преку определени видови договори ќе можат да изнесуваат најмногу 10 проценти од вкупниот број вработени на крајот од претходната година.

Пратеникот Бојан Стојаноски појаснува дека законот предвидува одредени исклучоци од ограничувањето на договорните ангажмани.

-Ова ограничување нема да важи за лица ангажирани на еднократни проекти или проектни единици финансирани од странски извори.

Стојаноски информираше дека законот е изготвен од тим кој посветено работел неколку месеци.

Најнови вести