Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува аукцијата за отуѓување на акциите на банката да биде закажана кон крајот на овој месец или на почетокот на следниот.
На новинарско прашање, премиерот Мицкоски посочи дека истекол тридневниот рок во кој требало да биде известен регулаторот во Србија. Во тек е десетдневниот рок во кој треба да се даде согласност Народна банка преку аукција да ги отуѓи акциите.
По завршувањето на оваа постапка следуваат уште пет дена за лиценцирање на потенцијалните понудувачи, по што се очекува да биде закажана аукцијата.
Од опозицијата ќе бидат разочарани бидејќи нивните црни сценарија и обиди „Алта банка“ да отиде во неизвесност, односно во стечај, нема да се реализираат, односно ќе имаме финансиска институција, банка којашто ќе биде сопственик на „Алта банка“. СДСМ имаат амбиција испреплетена со црни сценарија, а ние имаме амбиција да ја спасиме банката и таа да продолжи да функционира, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Охрид.
– Ќе ја спасиме банката. Тоа е многу важно и за доверителите, но и за луѓето коишто се во на би рекол некаква релација со со Алта банката, а тоа е лоша вест за нашата опозиција, којашто се молеше и на дневна основа водеше кампања дека банката ќе банкротира и ќе отиде во стечај и така натаму. Тоа е првата порака којашто уште еднаш сакам да ја да ја кажам – рече премиерот.