Источна Африка

Кенија го отпушти последниот пациент заразен со ебола, наскоро може да прогласи крај на епидемијата

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Кениските власти го отпуштија последниот пациент кој се лекувал од ебола во земјата, што претставува значаен чекор кон ставање крај на епидемијата. Доколку до 23 декември не бидат регистрирани нови случаи, Кенија би можела официјално да биде прогласена за земја ослободена од оваа болест, соопшти министерот за здравство Аден Дуале.

Последниот пациент, седмиот кој успешно закрепнал од вирусот, бил отпуштен од болница во Најроби. Во меѓувреме, 11 лица кои биле во контакт со заразени ќе бидат ставени во 21-дневен карантин, пренесува Би-Би-Си.

Дуале изјави дека здравствените власти успешно ги идентификувале и следеле сите 135 лица кои биле во контакт со заразените. Сите потврдени случаи припаѓале на еден синџир на пренесување на инфекцијата, без докази за ширење на вирусот во пошироката заедница.

Кенија го потврди првиот случај на ебола на почетокот на октомври, откако кениски државјанин, кој претходно се вратил од Демократска Република Конго преку Уганда, починал неколку дена по пристигнувањето во Најроби. Од последиците на инфекцијата починала и неговата мајка.

Во земјата беа регистрирани вкупно девет случаи на ебола, од кои седум завршија со закрепнување, додека две лица починаа. Последниот потврден случај беше регистриран на 20 октомври, а оттогаш нема нови инфекции.

Африканскиот центар за контрола и превенција на болести го оцени отпуштањето на последниот пациент како значаен успех во регионалните напори за справување со епидемијата. Директорот на организацијата, Жан Касеја, порача дека ова е охрабрувачки момент за Кенија и Африка, но предупреди дека е неопходно да продолжи епидемиолошкиот надзор сè до официјалното прогласување на крајот на епидемијата.

Уганда, која дели долга и прометна граница со Демократска Република Конго, беше меѓу првите земји погодени од епидемијата, но на 27 август прогласи нејзин крај.

Во Демократска Република Конго, пак, епидемијата која започна во мај досега однесе 5.387 животи, а регистрирани се околу 11.000 случаи, што ја прави најсмртоносната епидемија на ебола во историјата на таа земја.

Предизвикувач на болеста е вирусот Бундибуџо, релативно редок вид на ебола, за кој засега нема одобрена вакцина ниту специфична терапија, иако се спроведуваат клинички испитувања.

Најнови вести