Соединетите Американски Држави воведуваат нова мерка за патниците што пристигнуваат во земјата со авион, кои ќе мора да потпишат здравствена изјава со која потврдуваат дека во изминатите 21 ден не престојувале во Демократска Република Конго (ДРК), каде што е регистрирана епидемија на ебола.
Обврската ќе важи за сите патници, без оглед на нивната националност или земјата од која патуваат, вклучително и за американските државјани.
Според информациите објавени од францускиот весник „Ле Фигаро“, документот не претставува лекарско уверение и не подразбира задолжителен медицински преглед. Патниците, под сопствена одговорност, ќе треба да потврдат дека во наведениот период не престојувале во ДР Конго, вклучително и на аеродром или во транзит.
Од патниците се бара да се информираат кај своите авиокомпании за начинот на пополнување и поднесување на образецот.
Мерката треба да стапи во сила на трети ноември 2026 година, во 23:59 часот по источноамериканско време, односно во 5:59 часот на 4 ноември по средноевропско време.
Одлуката ја објавија американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC), со цел да се намали ризикот од внесување на вирусот ебола во САД.
Тоа значи дека изјавата ќе мора да ја потпишат и патниците кои никогаш не престојувале во Африка, доколку патуваат кон САД со меѓународен лет.
Според информациите пренесени од агенцијата „Бета“, епидемијата во Демократска Република Конго предизвикува сериозна загриженост поради големиот број жртви. Во објавениот извештај се наведува дека од мај досега починале најмалку 4.000 луѓе.