РЕВОЛТ КАЈ ЖИТЕЛИТЕ

Пет станбени згради во Скопје повеќе од 20 часа без струја: Жителите револтирани од бавната интервенција на ЕВН

Пет станбени згради во Скопје, кај салонот на „Мерцедес“ на улицата „Индустриска 1“, повеќе од 20 часа се без електрична енергија. Како што дознава РЕПЕР од жителите, прекинот започнал вчера околу 13 часот, а и утрово нема струја, без прецизна информација кога ќе биде отстранет дефектот.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Според жителите, кои се обратија до нашата редакција, проблемот бил пријавен во ЕВН веднаш по прекинот во средата, 11 ноември. И покрај тоа, интервенцијата се одвивала бавно, а во текот на денот добивале различни информации за причините за дефектот и времето потребно за негово отстранување.

Особено револтира податокот дека во 17:30 часот, четири и пол часа по прекинот, од контакт-центарот на ЕВН на една од станарките ѝ било соопштено дека сè уште се бара специјализирано мерно возило за лоцирање на оштетениот кабел, велат жители за РЕПЕР.

Мерното возило пристигнало околу 18:20 часот, по што започнало лоцирањето на дефектот и ископувањето. Иако првичните информации биле дека снабдувањето ќе се нормализира околу 21 или 22 часот, тоа не се случило.

Во текот на ноќта било соопштено дека е откриен дополнителен дефект и дека нова екипа ќе ја продолжи санацијата следното утро.

Без греење и лифтови, загрижени и семејствата со мали деца

Повеќечасовниот прекин предизвикал сериозни проблеми за станарите. Дел од домаќинствата останале без греење, лифтовите не функционираат, а во една од зградите било забележано и нефункционално осветлување за итни излези.

Особено загрижува состојбата на семејствата со бебиња и мали деца, како и на повозрасните жители.

Без официјално известување, станарите бараат одговорност

Дополнителен револт предизвикува и недостигот на информации. На официјалната интернет-страница на Електродистрибуција за прекини во снабдувањето не е пронајдено известување за конкретниот дефект.

Жителите бараат официјално објаснување зошто интервенцијата трае толку долго, кога ќе биде воспоставено нормалното снабдување и дали можело да се реагира побрзо.

Дел од станарите најавуваат и колективен приговор до ЕВН и надлежните институции, барајќи да се утврди одговорноста за долгото чекање.

Заклучно со утринските часови во четврток, 12 ноември, петте станбени згради сè уште се без електрична енергија.

Најнови вести