Нема напредок во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија. Последната средба, одржана на 5 и 6 ноември во Скопје, завршила без договор за спорните прашања, објави бугарската новинска агенција БГНЕС.
Бугарските претставници повторно не успеале да постигнат согласност со македонските колеги за претставувањето на Охридската архиепископија во учебниците по историја. Без одговор останал и предлогот за заедничко одбележување на годишнината од смртта на Дамe Груев.
Во декември годинава се навршуваат 120 години од загинувањето на револуционерот. Бугарската страна предложила заедничко одбележување на неговото дело, но, според БГНЕС, македонските претставници не одговориле на иницијативата.
Наместо тоа, тие предложиле заедничко одбележување на отпорот против антисемитизмот, фашизмот и националсоцијализмот, кој започнал во двете земји во 1941 година. Бугарските претставници го одбиле предлогот со образложение дека станува збор за настани што се одбележуваат на европско ниво и не треба да бидат ограничени на билатерална иницијатива.
Ова е петтата средба на Комисијата во 2026 година. Според бугарската страна, досегашната работа покажува сè поголема стагнација, и покрај очекувањата на Европскиот парламент и Европската комисија за конкретни резултати.
Во извештајот на Европската комисија е наведено дека меѓу септември 2025 и март 2026 година биле одржани четири средби, но без конкретни резултати.
Осум години работа и 38 средби
Заедничката историска комисија е формирана врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017 година во Скопје, а стапи во сила на 14 февруари 2018 година.
Нејзината задача е да ги разгледува историските и образовните прашања, да придонесува за објективно претставување на историјата во учебниците и да предлага заедничко одбележување на историски настани и личности.
Во првите години Комисијата постигна препораки за заедничко одбележување на светите браќа Кирил и Методиј, Свети Наум Охридски, Свети Климент Охридски и цар Самуил, како и препораки за промени во учебниците по историја.
Сепак, напредокот постепено забави. Во ноември 2025 година, копретседателот на бугарскиот тим, Ангел Димитров, изјави дека по осум години работа и 38 средби неговата оценка за резултатите е крајно незадоволителна. Тој посочи дека дискусиите стигнале до 11 век и разгледување на два учебника за основно образование.
Промени во македонскиот тим
Работата на Комисијата дополнително се усложни по промената на македонскиот состав во септември 2024 година. Владата на Христијан Мицкоски го назначи професорот Ванчо Ѓорѓиев за нов раководител на тимот, на местото на Драги Ѓоргиев.
Мицкоски тогаш образложи дека претходниот состав не ги штител националните интереси на македонскиот народ, по што беа заменети поголем дел од дотогашните членови.
Според бугарскиот копретседател Ангел Димитров, промената на составот не донела суштинска промена во пристапот и не придонела за обновување на конструктивниот дијалог.
Следната средба на Комисијата е планирана за почетокот на декември во Софија.