Обновени клупи, корпи за отпадоци и летниковци, ново детско катче и уреден пристап кон жичарницата се дел од активностите за подобрување на просторот.
Водно доби ново уреден изглед со низа активности за подобрување на јавните површини и содржините наменети за посетителите. Во рамки на уредувањето бил обновен влезниот простор кон жичарницата, а изградено е и ново детско катче, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Обновени се клупите, корпите за отпадоци и летниковците, додека дрвените елементи се освежени со нова боја. Во реализацијата на активностите поддршка дала и компанијата „Филип Морис“.
Меѓу претходно реализираните активности се наведуваат и поставувањето нов асфалт на патот кон Средно Водно, како и поставувањето ЛЕД-осветлување на оваа делница.

Дополнително, изграден е и моторички парк наменет за децата, каде што преку активности на отворено можат да ја развиваат рамнотежата и координацијата.

Од локалната власт посочуваат дека заштитата на Водно и одржувањето на просторот се важни за зачувување на оваа природна зона и нејзината достапност за граѓаните.

Истовремено, посетителите се повикуваат да го чуваат зеленилото, да не оставаат отпад зад себе и одговорно да се однесуваат кон обновената урбана опрема, со цел Водно да остане чисто и уредено место за рекреација и за идните генерации.

