Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека е во тек обновата на жичарата на Водно, која беше ставена вон функција поради утврдени недостатоци во нејзиното одржување.
Како што посочува Ѓорѓиевски, при извршениот увид биле констатирани сериозни проблеми, кои се последица на долгогодишното неспроведување на неопходните сервиси и редовното одржување од страна на претходните раководства. Според него, станувало збор за запоставување кое траело речиси една деценија.
Тој нагласува дека безбедноста на граѓаните е приоритет, поради што жичарата била привремено затворена сè додека не се отстранат утврдените недостатоци.
Во моментов се работи на целосна реконструкција на кабините, а се очекува да пристигне и моторот кој е испратен на репарирање во странство.
Според најавата на Ѓорѓиевски, повторното ставање во функција се очекува следниот месец, по завршувањето на градежните работи и спроведувањето на неопходните безбедносни проверки.
„Го обновуваме она што со години било запоставувано. Со одговорност, со работа и со дела. Го враќаме сјајот на Скопје“, порача Ѓорѓиевски.