Aлта банка пред продажба: Постапката под лупа и во Србија

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Првата аукција за продажба на Алта банка е закажана за 30 ноември и тогаш таа се ќе продава за 22,9 милиони евра, а на последната на 7 декември ќе биде понудена за 13,5 милиони евра. Досега единствено јавно објавен интерес за учество покажа Комерцијална банка, а опозициската СДСМ обвини дека „Мицкоски и Славески брзаат да ја продадат Алта банка бадијала“. Нивните аргументи се дека купувачот нема да даде понуда на првата, туку на последната аукција.

Вестите стигнаа и до српската јавност, па тамошната партија Движењето на слободни граѓани (ПСГ) ја повикува српската Агенцијата за осигурување депозити да ги заштити интересите на штедачите и на доверителите, па дури побараа „директорката Љубица Пантелиќ итно да ги преземе сите мерки дозволени со закон и меѓународно право, со цел да се запре или да се одложи оваа продажба додека не се создадат услови за пазарна трансакција“.

Премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско интервју порача дека е важно банката да се продаде и дека за нас воопшто не е важно по која цена ќе биде тоа, затоа што парите одат во стечајната маса во Србија.

– Ги слушам обвинувањата од опозицијата. Се обидувам некогаш и да не одговорам, затоа што не само што немаат суштина, немаат ни логика. Еве, конкретно, делот дека банката ќе се продала за бадијала. Дали тие се грижат повеќе за Мацура и за онаа Агенција за осигурување депозити во Србија која управува со капиталот на фирмите што се во стечај, или се грижат банката да добие нов сопственик? Еве, да се продаде и по најниската и по највисоката цена, парите не завршуваат кај акционерите во Македонија, парите завршуваат во стечајната маса на Алта банка Србија. Сега тие за Алта банка Србија ли се грижат? Треба да платиме повеќе пари за да таму завршат повеќе пари? Навистина не разбирам. Не ја гледам логиката во комуникацијата што доаѓа од СДСМ. Од една страна, нè обвинуваат дека сме биле со Мацура и со Алта банка Србија, а од друга страна се загрижени дека некој помалку ќе ја плати банката – изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју на ТВ Телма.

Српската партија Движењето на слободни граѓани (ПСГ) изрази „сериозна загриженост дека станува збор за обид за продажба на средствата од стечајната маса по намалена цена, на штета на доверителите, односно граѓаните и компаниите во Србија чии депозити и побарувања не се целосно заштитени“.

Вицегувернерката Ана Митреска на надзорната расправа за Алта банка објасни како Народната банка односно овластено лице може да ги продава акциите на Алта банка Битола.

– Веднаш по добивање јавна информација за одземање на согласноста на регулаторот (Народна банка на Србија, н.з.), ние донесовме решенија за одземање на согласноста за располагање со акции во Стопанска банка Битола, со што му се одзема и правото на глас. Според Законот за банки, тоа автоматски не значи одземање на сопственоста, меѓутоа постои јасно и точно прецизирана постапка во рамките на самиот Закон, која предвидува дека во вакви случаи Народната банка му дава определен рок на акционерот, во овој случај на стечајниот управник, односно на Агенцијата за осигурување депозити на Србија, за продажба на акции. Доколку акциите не се отуѓат, во тој случај стечајниот управник има должност да ѝ даде овластување на Народната банка да ја изврши продажбата заради заштита на доверителите и на штедачите во македонската банка – рече Митреска.

 

Најнови вести