За многу луѓе, алкохолот е забавен и релаксирачки начин за дружење. Некои пијат алкохол за да се ослободат од стресот, некои за уживање, некои затоа што така треба.
Кога алкохолот се консумира одговорно и умерено, обично не е никаков проблем. Меѓутоа, кога се пие премногу, тогаш се намалува физичката и менталната контрола.
Ако се уште мислите дека алкохолот не може да биде штетен, земете ги предвид овие факти од СЗО:
– Секоја година, употребата на алкохолот предизвикува три милиони смртни случаи.
– Постои врска помеѓу употребата на алкохолот и многу ментални и бихејвиорални нарушувања.
– Употребата на алкохолот носи социјални и економски загуби за поединци и општества.
– Алкохолот се поврзува како клучна причина за 200 болести (висок крвен притисок, заболувања на црниот дроб, мозочен удар и рак).
Втори октомври ги охрабрува луѓето да живеат без алкохол и промовира поздрав начин на живот.
Во 2008 година, Индија предложи Светски ден без алкохол за време на Светското здравствено собрание во Женева. Тие го избраа датумот втори октомври бидејќи на истиот ден се одбележува годишнината од раѓањето на Махатма Ганди, кој е роден во 1869 година. Ганди, како социјален активист го предводел Движењето за воздржаност во Индија. На истиот ден, 193 членки на Светската здравствена организација (СЗО) потпишаа резолуција за намалување на штетата поврзана со алкохолот.
Европа и алкохолот
Во 2025 година, 4,8 проценти од лицата на возраст од 16 години и повеќе во Европската Унија консумирале алкохол секој ден. 19,2 насто пиеле еднаш неделно, а 21,8 проценти најмалку еднаш месечно.
ЕВРОСТАТ потенцира дека навиките за пијачка се менуваат со возраста. Процентуално, младите од 16 до 24 години консумираат помалку алкохол на дневна основа, од лицата на 65 години и повеќе.
Според меѓународните извештаи, Балканот во целост се наоѓа високо на светската листа по консумација на алкохолни пијалоци и почесто опивање.
Статистичките податоци за консумацијата на алкохол нотираат дека Србија е меѓу земјите на Балканот каде што се пие најмногу алкохол по глава на жител, со просек од околу 12,5 литри чист алкохол годишно. Веднаш по неа се Хрватска и другите земји од регионот.
Во Македонија, кај младите првото искуство со алкохол најчесто се случува на 13 години или порано.