Египет откри реставрирана верзија на „Тондо на двајцата браќа“, ценета слика од вториот век од познатите портрети на Фајум, која прикажува двајца мажи во круг (тондо) кој се издвојува по својата форма и редок двоен приказ.
Портретите на Фајум (или Фајумски портрети) претставуваат збирка на реалистично насликани портрети на дрвени таблички кои биле прикачувани на мумиите на починатите во Египет. Иако се пронајдени на неколку локации низ Египет, најголемиот дел од нив се откриени во оазата Фајум, по која го добиле име. Тие датираат од периодот меѓу доцниот прв век пред нашата ера, до средината на третиот век и се сметаат за едно од најголемите ремек-дела на античкото сликарство.
Специјалисти од Рим работеа заедно три недели со конзерватори од Египетскиот музеј во Тахрир, каде што обично се чува колекцијата, за да го реставрираат уметничкото дело.
Египет ќе позајми голем дел од колекцијата на привремена изложба во Италија, што ќе биде првпат таа да патува во странство. Портретите ќе бидат претставени на изложба во Рим од ноември до мај 2027 година. Изложбата ќе вклучува повеќе од 110 предмети, насликани панели, погребни плаштаници, маски, мермерни портрети, гипсани фигури и антички накит.
„Реставрацијата на портретот на двајцата браќа е важен пример за тоа што може да се постигне преку меѓународна соработка во зачувувањето и проучувањето на културното наследство“, рече Шериф Фати, министер за туризам и антиквитети на Египет.
Али Абдел Халим, генерален директор на Египетскиот музеј во Тахрир, рече дека конзервацијата барала внимателна интервенција бидејќи и дрвената потпора, оштетена од термити, и насликаната површина биле кршливи.
Експертите ја опишуваат сликата како необична поради нејзината кружна форма и прикажувањето на две лица наместо едно, и ја рангираат меѓу најживописните зачувани портрети од Египет од римската ера. Насликана е со техника во која пигментите се мешаат со стопен восок, а реставраторите успеале да ги вратат цртите на лицето на братот од десно.