До 12 часот на вонредните парламентарни избори во Србија гласале 34,55 отсто од гласачите, соопшти Републичката изборна комисија.
Како што соопшти претседателот на Републичката изборна комисија (РИК) на прес-конференција, во Војводина гласале 38,08 отсто од избирачите, во Шумадија и Западна Србија 32,56 отсто, во Јужна и Источна Србија 31,96 отсто, а во Белград 35,23 отсто од избирачите.
Според претходното соопштение на РИК, излезноста до 10 часот изнесувала 19,72 отсто.
Претседателот на РИК, Владимир Димитријевиќ, претходно денеска изјави дека сите избирачки места биле отворени навреме утрово, иако на одредени места имало извесни доцнења поради големиот број избирачи и подготовките на избирачките одбори за гласањето.
Димитријевиќ, на првата прес-конференција на РИК, која доцнела околу дваесет минути, им посака на сите „гласањето да помине во најдобар можен ред“ и нагласи дека тоа зависи и од избирачите и од членовите на избирачките одбори, кои посебно ги повика да го одржуваат редот и да постапуваат во согласност со законот и упатствата на РИК.