Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вчера, спроведоа вонредни инспекциски контроли во малопродажни објекти за месо, подготовки и преработки од месо на подрачјето на Општина Радовиш и кај физичко лице во неготинското село Пепелиште. Двата објекта произведувале и преку социјалните мрежи продавале димени месни производи и чварки.
При контролите во Радовиш одземени се околу два тона небезбедно свежо и замрзнато месо и подготовки од месо, кои денес ќе бидат уништени на депонијата „Дрисла”.
Во Пепелиште, од физичко лице кое вршело неодобрена дејност од страна на Агенцијата производство на димени месни производи и чварки, одземени се дополнителни 50 килограми подготовки од месо, печеница, кулен, димена сланина и слично.
Одземените производи се без декларација за потеклото и биле чувани и преработувани во несоодветни и нехигиенски услови, што претставува сериозен ризик за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите.