Пленковиќ не се откажува: Црна Гора може да влезе во ЕУ ако ги реши отворените прашања со Хрватска

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Црна Гора може да го заврши процесот на пристапување во Европската Унија во предвидениот рок доколку постои политичка волја за решавање на отворените прашања со Хрватска, повтори хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на денешната прес-конференција.

Говорејќи за пристапните преговори на Црна Гора, Пленковиќ истакна дека земјата може да ги затвори преговарачките поглавја до крајот на оваа година, под услов да покаже искрена подготвеност за решавање на прашањата поврзани со поглавјата 23 (темелни права) и 31 (надворешна, безбедносна и одбранбена политика).

Тој додаде дека во овие поглавја постојат прашања што досегашните црногорски влади не ги решиле на соодветен начин. Од осумте барања што ги поставила Хрватска, две веќе се исполнети.

„Останаа уште шест, од кои четири се исклучиво во надлежност на извршната власт. Две се посложени, бидејќи навлегуваат во областа на правосудството или се однесуваат на податоците за исчезнатите лица за време на агресијата на Југославија и режимот на Милошевиќ врз Хрватска“, изјави Пленковиќ.

Црногорската влада неодамна донесе одлука за промена на името на базенот во Котор и формално одобри поставување спомен-плоча во поранешниот логор Морињ, што претставува исполнување на две од шесте преостанати хрватски барања.

Останатите се однесуваат на утврдување на судбината на исчезнатите лица, обесштетување на затворениците од логорот Морињ, процесуирање на одговорните за воени злосторства, решавање на имотноправните прашања на хрватските семејства, прашањето за границата и враќањето на училишниот брод „Јадран“.
Пленковиќ: Многу сме пријателски настроени кон Црна Гора
Хрватскиот премиер ги повика своите колеги во Советот на ЕУ да ѝ помогнат на Црна Гора во решавањето на отворените прашања.

Тој оцени дека предложениот рок за завршување на пристапниот процес во 2028 година е остварлив доколку продолжи работата на спорните прашања.

„Ако продолжат во добра насока, ќе можеме да го завршиме овој процес на начин на кој сите би сакале да го видат“, истакна Пленковиќ.

Тој нагласи дека Хрватска има конструктивен пристап кон Црна Гора, за разлика од некои други земји-членки кои им го блокираат дури и почетокот на преговорите на одредени кандидатки.

„Доколку сакавме да бидеме пречка за пристапувањето на Црна Гора, нашата политика ќе беше сосема поинаква. Всушност, бевме многу пријателски настроени и конструктивни“, рече хрватскиот премиер.

Осврнувајќи се на Србија, Пленковиќ изјави дека по победата на студентската листа ќе треба да се види како ќе изгледа идната влада и каква политика ќе води.

„Не знаеме точно какви се ставовите на студентската листа, а нивните позиции за европските прашања се, да речеме, сложени“, наведе Пленковиќ.

Најнови вести