Боки 13 ослободен во случајот „Меѓународен сојуз“, Апелација ја укина затворската казна

  • 1 минута читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Апелациониот суд во Скопје донесе одлука за ослободителна пресуда за Бојан Јовановски, познат како Боки 13, во предметот „Меѓународен сојуз“. Со оваа одлука е преиначена првостепената пресуда со која тој беше осуден на пет години затвор.

Веста ја соопшти неговиот адвокат Сашо Дуковски, кој го застапуваше Јовановски во постапката.

„Ете, правдата е спора, но достижна! Апелациониот суд во Скопје денес донесе ослободителна пресуда за Бојан Јовановски во предметот ‘Меѓународен сојуз’. Со тоа ја преиначи првостепената пресуда на Основниот кривичен суд од пет години!“, објави адвокатот Дуковски.

Јовановски во октомври 2025 година беше осуден на пет години затвор за измама и перење пари во повторената судска постапка. Според обвинението, преку проект за изградба на домови за стари лица биле измамени двајца бизнисмени, а дел од парите биле користени за финансирање на телевизијата „1ТВ“ и за лични цели.

Случајот „Меѓународен сојуз“ почна во 2020 година. Првичната пресуда од 2022 година, со која Јовановски беше осуден на девет години затвор, беше укината од Апелациониот суд во 2024 година, по што следуваше повторно судење.

Засега, информацијата за ослободителната пресуда е објавена од адвокатот на Јовановски, а се очекуваат и официјалното соопштение и образложението на Апелациониот суд.

Најнови вести