Американскиот рапер и R&B пејач Крис Браун е осуден во Лондон на осум месеци затворска казна со условно извршување поради напад во ноќен клуб во британската престолнина во 2023 година.
Судијата Тони Баумгартнер од Кралскиот суд во Саутворк оцени дека сериозноста на насилството не би била соодветно одразена со парична казна или општокорисна работа. Тој нагласи дека ваквото насилство во преполн ноќен клуб претставува сериозен прекршок.
Триесет и седумгодишниот музичар во јули се изјасни за виновен за учество во инцидентот во клубот „Тејп“ (Tape), во престижниот лондонски кварт Мејфер. За време на тепачката, на 19 февруари 2023 година, Браун со стаклено шише го удрил музичкиот продуцент Абрахам „Ејб“ Дијау.
Според обвинителството, нападот бил брутален и неиспровоциран. Браун и музичкиот продуцент Омололу Акинлолу ја нападнале жртвата во преполната дискотека, при што пејачот двапати ја удрил по главата со стаклено шише. Потоа двајцата продолжиле да го удираат со тупаници и клоци.
Браун беше уапсен во мај 2025 година во хотел со пет ѕвезди во Манчестер, кратко по пристигнувањето во Велика Британија со приватен авион, каде што требаше да одржи серија концерти. Во притвор помина речиси една недела, пред да биде ослободен со кауција на 21 мај, во износ од пет милиони британски фунти, односно околу шест милиони евра.
Судот подоцна му дозволи да ја напушти земјата за да учествува на европската турнеја, која неколку дена подоцна започна во Амстердам.
Крис Браун се прослави во 2000-тите години со хитовите „Kiss, Kiss“ и „Run It!“. Иако е добитник на две награди „Греми“, неговата кариера повеќепати беше засенета од обвиненија за насилство, вклучително и семејно насилство.
Во 2009 година, Браун беше прогласен за виновен за напад врз пејачката Ријана, со која тогаш беше во врска. Инцидентот се случи пред доделувањето на музичките награди „Греми“, поради што светски познатата пејачка не присуствуваше на церемонијата.