Почина Самка Ибраимовски, претседател на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), поранешен пратеник и министер без ресор во Владата на Република Македонија.
Ибраимовски е роден на 27 септември 1954 година во Тетово. Дипломирал на Факултетот за менаџмент во Нови Сад, а во текот на својата политичка кариера извршуваше повеќе јавни функции.
Веста за неговата смрт ја објави „Рома Прес“, од каде што со емотивна порака се простија од Ибраимовски, кој со децении беше активен во политичкиот и општествениот живот во Македонија, особено во борбата за правата и поголема застапеност на ромската заедница.
Во текот на својата кариера Самка Ибраимовски беше пратеник во Собранието, а во Владата ја извршуваше и функцијата министер без ресор. Неговиот Политички ангажман беше насочен кон подобрување на положбата на Ромите.
Самка Ибраимовски пред да стане министер без ресор, во периодот од 2004 до 2006 година беше заменик-министер за труд и социјална политика. Од 2008 до 2011 година раководеше со Прифатниот центар за баратели на азил во Скопје, а од 2011 до 2015 година беше пратеник во Собранието, каде што учествуваше во работата на повеќе комисии.