Интегративците бараат одново да се одржи конкурсот за прием во средното полициско училиште, откако како што тврдат од 310 примени кандидати, само 11 биле припадници на немнозинските заедници. Според партијата, помалку од три отсто од примените се Албанци, поради што бара конкурот да се повтори со целосно почитување на начелото за правична и соодветна застапеност на сите заедници.
„Истовремено, бараме во структурите на полицијата, редот и безбедноста да се воспостават јасни, мерливи и задолжителни механизми за правична и соодветна застапеност, од регрутирањето до раководните позиции. Не може да се дозволи она што се градеше со години да биде поништено за само две години и Албанците да бидат сведени на институционален декор. Ова не е прашање на еден конкурс, ниту на еден поединец, туку на еднаквоста, на мултиетничкиот карактер на државата и на почитувањето на Охридскиот мировен договор“, велат од партијата на Ахмети.
Како дополнителна загриженост, опозициската партија соопти дека состојбата ги засега и останатите немнозински заедници, меѓу кои Турците, Ромите, Србите и други. Според нив, на овој начин се создава институционална супремација што произлегува од монистичка матрица, при што некои се однесуваат како домаќини, а другите се третираат како граѓани од втор ред во сопствената држава.