Ферари со специјален болид во чест на Михаел Шумахер на трката во Монца

Три децении по првата сезона на Михаел Шумахер во црвениот болид, Ферари ќе му оддаде почит на легендарниот германски возач со специјален изглед инспириран од F310 од 1996 година. Луис Хамилтон и Шарл Леклер ќе настапат и со посебни тркачки комбинезони.

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Ферари го претстави специјалниот изглед на болидот со кој ќе настапи на претстојната Голема награда на Италија, посветен на Михаел Шумахер и неговото пристигнување во Скудерија пред 30 години.

Италијанскиот тим во изминатите денови преку социјалните мрежи постепено го најавуваше специјалното издание, потсетувајќи на работната етика, успесите и огромното место што Германецот го има во историјата на Ферари.

Сега е откриен и болидот со кој Шарл Леклер и Луис Хамилтон ќе излезат на патеката во Монца.

Инспириран од првото Ферари на Шумахер

Дизајнот е инспириран од Ferrari F310, болидот што Шумахер го возеше во својата прва сезона со италијанскиот тим во 1996 година.

Фото: Planet F1

Црвената боја е потемна од вообичаената и потсетува на нијансата што ја користеше Ферари во тој период, додека на носот на болидот ќе се најдат седум ѕвезди – симбол што го носеа и кацигите на седумкратниот светски шампион.

На болидот е поставен и препознатливиот личен знак „MS“ на Шумахер. За оваа трка се отстранети и белите и сините елементи поврзани со главниот спонзор, со што целокупниот изглед уште повеќе се доближува до естетиката на Ферари од средината на деведесеттите.

Фото: Planet F1

Специјални тркачки комбинезони добија и актуелните возачи Леклер и Хамилтон, со што целата презентација на тимот во Монца ќе биде посветена на една од најзначајните епохи во неговата историја.

Ерата што го промени Ферари

Шумахер пристигна во Маранело во 1996 година како двократен светски шампион, но Ферари во тој момент долго ја чекаше својата следна титула. Следуваше проект кој постепено го претвори тимот во доминантна сила во Формула 1.

Германецот освои пет последователни возачки титули со Ферари, од 2000 до 2004 година, во период во кој Скудерија доминираше и во шампионатот на конструктори.

Од вкупно 91 победа во кариерата, дури 72 ги оствари како возач на Ферари. Токму во црвениот болид ги постави и голем дел од рекордите поради кои во моментот на своето прво повлекување важеше за статистички најуспешниот возач во историјата на Формула 1.

Подоцна Луис Хамилтон израмни дел од неговите најголеми достигнувања, а двајцата и натаму се единствените возачи во историјата со по седум светски шампионски титули.

Токму затоа има дополнителна симболика што Хамилтон, сега како возач на Ферари, ќе биде еден од двајцата што во Монца ќе го возат болидот посветен на Шумахер.

Триесет години подоцна, повторно во Монца

Врската меѓу Шумахер, Ферари и Монца има посебно место во историјата на Формула 1. Германецот таму победи петпати како возач на Скудерија, а неговите триумфи пред тифозите останаа меѓу најпрепознатливите моменти од доминацијата на тимот.

Три децении по почетокот на таа приказна, Ферари повторно ќе ја врати естетиката од 1996 година на патеката која за италијанскиот тим значи повеќе од која било друга.

Овојпат со Леклер и Хамилтон зад воланот, но со Михаел Шумахер во секој детаљ од болидот.

Најнови вести