Франција ги забранува мобилните телефони во средните училишта

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Франција воведува ново ограничување за учениците во средните училишта. Мобилните телефони ќе бидат забранети за учениците од 15 до 18 години. Претседателот Емануел Макрон ја поддржа забраната со цел младите да поминуваат помалку време пред екраните, оценувајќи дека прекумерната употреба на телефоните може негативно да влијае врз растот и развојот на децата.

Франција веќе има забрана за користење мобилни телефони во основните и во средните училишта за ученици на возраст од 11 до 15 години. Новата мерка сега треба да ги опфати и постарите средношколци.

Образовните синдикати предупредуваат дека е тешко мерката да биде целосно спроведена веднаш од почетокот на учебната година. За да стапи во сила, средните училишта мора да ги изменат своите внатрешни правила, што подразбира консултации и гласање во училишните тела, како и вклучување на самите ученици. Дополнителен предизвик се и учениците и студентите кои посетуваат стручни обуки или високообразовни програми, а на кои телефонот може да им биде потребен за извршување на работните обврски.Училиштата ќе треба да решат и каде точно ќе важи забраната – дали само во училниците или во целиот училишен простор, вклучително и ходниците и дворот.

Француските власти не се откажуваат ниту од планот за ограничување на пристапот до социјалните мрежи за лица помлади од 15 години. Претходната верзија на законот беше поништена од Уставниот совет поради правни и уставни проблеми. Владата работи на нова верзија на законот, со намера повторно да го предложи пред истекот на мандатот на Макрон.

Најнови вести