Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, изјави дека Иранската револуционерна гарда стои зад серијата кибернапади врз фрижидерите во француските супермаркети, извршени во ноќта меѓу 11 и 12 октомври.
Баро соопшти дека истрагата за инцидентот сè уште е во тек и најави дека иранскиот амбасадор во Франција ќе биде повикан на разговор. Тој додаде дека Франција ќе се заложи за воведување соодветни санкции на европско ниво против одговорните за нападите.
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, исто така се осврна на случајот, посочувајќи дека за кибернападите во Европа ќе се разговара на следниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, закажан за 16 ноември.
Нападите погодиле фрижидери во повеќе од 700 продавници низ Франција, меѓу кои и објекти на големите трговски синџири „Карфур“, „Монопри“, „Интермарше“ и „Коопеератив У“.
Напаѓачите рачно ги менувале температурите на разладните уреди, предизвикувајќи значителна материјална штета. Според француското Министерство за надворешни работи, во некои случаи избувнале и пожари, а проценетите загуби од уништена храна и друга стока достигнуваат десетици милиони евра.
Од француските власти оценуваат дека нападите претставуваат сериозна закана за националните интереси и безбедноста на граѓаните.
Министерството потсети дека ова не е првпат Иран да биде поврзан со дестабилизирачки активности насочени кон Франција. Како претходни случаи ги посочи хакерскиот напад врз сатиричниот весник „Шарли Ебдо“ во 2023 година и непријателските активности за време на Олимписките игри во Париз во 2024 година.