Италијанските медиуми со загриженост ја следат здравствената состојба на Јаник Синер, кој поради повреда на тетивата на десното колено нема да настапи на годинашниот УС Опен.
Еден од најдобрите тенисери на денешницата решил да не ризикува со настап во Њујорк и да му даде приоритет на целосното закрепнување.
Италијански „Sky Sport“ оценува дека станува збор за тешка, но мудра одлука. Откажувањето од последниот гренслем во сезоната му овозможува на Синер да направи порелаксиран план за рехабилитација, без притисок да се врати на теренот во краток рок за толку голем турнир.
Светскиот рекет број еден ја завршува првата недела од терапиите во медицински центар во Торино, кои ги започна минатиот понеделник.
Во следните денови треба да биде проценето дали третманите ќе продолжат и наредната недела, како и кога Италијанецот ќе може повторно да почне со тренинзи на тенискиот терен.
Ваквиот тип повреда првенствено се третира со терапии и одмор, а потоа со внимателно дозирани тренинзи приспособени на состојбата на воспалението. Целта е да се избегне влошување на повредата и нејзино прераснување во посериозен проблем.
Сè уште нема датум за враќање
Засега не е познат точниот датум кога Синер ќе се врати на АТП-турот.
Откако лекарите ќе проценат дека повредата е доволно санирана, тој постепено ќе започне со тренинзи, чиј интензитет ќе се зголемува во зависност од неговата здравствена состојба.
Доколку терапиите и одморот ги дадат очекуваните резултати, постои можност Синер повторно да настапи на турнирите во Пекинг и Шангај, почнувајќи од крајот на септември.
Во моментов тоа е главното сценарио што се разгледува.
Доколку закрепнувањето оди побавно од очекуваното, неговото враќање ќе биде дополнително одложено. Италијанецот нема намера да ризикува, особено бидејќи една од главните цели до крајот на сезоната е Завршниот АТП турнир, кој се игра пред домашната публика во Торино.