Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека македонската економија има континуитет на раст, економија која расте и постепено добива сила.
Информира дека бруто-инвестициите во вториот квартал се зголемени за 16,5%, извозот за 10,4%, градежништвото за 21,9%, а позитивни движења има и во индустријата, трговијата, транспортот и угостителството.
„Растот е поддржан и од домашната потрошувачка. Сето ова се случува во услови кога европската економија расте со значително поумерено темпо и кога глобалните неизвесности сè уште се присутни. Во такви услови, раст од 4,3%, значително над просекот на Европската Унија, е резултат што има тежина. Дали е ова доволно? Не е! Но, овие податоци покажуваат дека политиките што ги водиме и насоката што ја избравме даваат резултати. Покажуваат дека треба да продолжиме, уште посилно и со уште поголема динамика“, додава Кочоска.
Според министерката за финанси, политика во наредниот период ќе се фокусира на повеќе инвестиции и капитални проекти, силна поддршка на приватниот сектор, подобро и попредвидливо деловно окружување и одговорно управување со јавните финансии. Политика што треба да создава нова економска вредност и услови за повисок и одржлив раст, посочува Кочоска.