Кога разводот е прескап

Адвокати тврдат: Несреќните парови остануваат заедно поради високите трошоци за живот

Во исто време, во Англија и Велс минатата година биле регистрирани 105.002 разводи. Тоа е значително помалку од периодите кога бројот на разводи достигнувал околу 150.000 годишно, во 1980-тите, 1990-тите и почетокот на 2000-тите. Според адвокати специјализирани за семејно право, една од причините за подолгите бракови може да биде токму финансискиот товар што го носи разделбата.

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Сè повеќе парови во Англија и Велс го одложуваат разводот поради високите трошоци за живот, а адвокатите предупредуваат дека финансискиот притисок може да ги натера сопружниците да останат заедно и покрај тоа што бракот веќе не функционира.

Податоците на Канцеларијата за национална статистика (ONS) покажуваат дека просечниот брак кој завршил со развод во 2025 година траел 13 години, најдолго откако се водат овие податоци, од 1963 година.

Со разводот, наместо едно домаќинство, најчесто треба да се финансираат две, со одделни трошоци за домување, кредити, сметки и грижа за децата. Поради тоа, некои парови кои веќе се разделиле продолжуваат да живеат под ист покрив за да ги намалат трошоците.

Адвокатката Ребека Астон-Џонс за „Гардијан“ изјавила дека финансискиот притисок може да биде една од главните причини поради кои луѓето се воздржуваат од започнување постапка за развод. Таа предупредила и дека животот во ист дом по разделбата може дополнително да ги зголеми тензиите меѓу партнерите.

Друг адвокат, Лиза Пепер, оценила дека еден од „помалку романтичните“ фактори поради кои браковите траат подолго е тоа што дел од паровите едноставно не можат финансиски да си дозволат да се разделат. Наместо развод, некои прво се обидуваат со медијација или брачно советување.

Иако бројот на разводи е понизок од врвот забележан во минатите децении, ONS посочува дека стапките во последните години се релативно стабилни. Она што се менува е времето што паровите го поминуваат во брак пред тој да заврши.

Финансиската страна на разводот така станува сè поважен фактор во одлуката кога и дали парот ќе се раздели – особено во услови кога трошоците за домување, грижа за децата и секојдневниот живот се високи.

Инфлацијата, која расте како последица на ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, ги зголеми трошоците за кирија, хипотеки и грижа за децата. „Не изненадува тоа што за многу луѓе помислата на разделба претставува сериозен финансиски товар“, изјави Астон-Џонс.

Податоците на ONS покажуваат дека денес има помалку разводи отколку во периодот од 1980-тите до 2000-тите, кога бројката достигнувала околу 150.000 годишно.

Во Англија и Велс во 2025 година биле регистрирани 105.002 разводи, од кои 102.879 биле меѓу партнери од различен пол, а 2.123 меѓу партнери од ист пол. Бројот на разводи кај истополовите бракови бил највисок откако биле легализирани во 2014 година.

Регистрирани биле и 959 раскинувања на граѓански партнерства, од кои 270 биле меѓу партнери од различен пол, а 689 меѓу партнери од ист пол.

Грег Сили, раководител на одделот за демографски животни настани во ONS, изјави дека стапката на разводи во последните години останува стабилна, но е пониска од највисоките нивоа забележани во 1980-тите, 1990-тите и почетокот на 2000-тите.

„Нашите најнови податоци покажуваат дека луѓето кои се разведуваат или го раскинуваат партнерството остануваат во врската подолго пред таа да заврши“, рече Сили.

Адвокатите сметаат дека фактот што браковите траат подолго пред да завршат делумно се должи и на тоа што луѓето подолго чекаат пред да се разведат.

„Како резултат на тоа, некои парови остануваат во несреќни или конфликтни домашни средини, што може негативно да влијае врз сите инволвирани“, рече Астон-Џонс.

Таа додава дека сè почесто се среќаваат парови кои веќе се разделиле, но продолжуваат да живеат под ист покрив за да ги задржат заедничките средства и да ги поделат трошоците за домаќинството.

„Таквиот аранжман често може дополнително да ги зголеми тензиите и да создаде понестабилна домашна средина. Исто така, забележуваме сè поголема појава на финансиска злоупотреба во врските, што може да ги спречи луѓето да стават крај на бракот бидејќи се загрижени дали ќе можат финансиски да се снајдат сами“, додаде таа.

Лиза Пепер, партнерка и адвокатка специјализирана за разводи во адвокатската фирма „Osbornes Law“, изјави дека разводот денес е подостапен отколку во кој било момент во изминатите 60 години.

„Сепак, овие извонредни бројки покажуваат дека паровите остануваат заедно подолго од кога било“, рече Пепер.

Извор: The Guardian / ONS

Најнови вести