Најновите извештаи на Светската банка и Европската комисија покажуваат позитивни економски движења во Македонија, со раст на економската активност и подобрени прогнози за тековната година, истакна Марија Митева.
Таа посочи дека според најновиот редовен економски извештај за Западен Балкан на Светската банка, објавен на 27 октомври, прогнозата за економскиот раст на Македонија во 2026 година е ревидирана нагоре за 0,3 процентни поени, односно се очекува раст од 3,2 проценти.
Митева нагласи дека оваа оценка е особено значајна во услови на глобални економски предизвици, геополитичка неизвесност, ценовни и енергетски притисоци, како и забавување на економската активност кај дел од најзначајните трговски партнери на земјата.
Осврнувајќи се на извештајот на Европската комисија, објавен на 20 октомври, таа истакна дека Македонија во вториот квартал од 2026 година остварила економски раст од 4,3 проценти, што е највисока стапка меѓу шесте економии од Западен Балкан. Просечниот раст во регионот изнесува 3,6 проценти.
Според Митева, дополнително охрабрува фактот што економскиот раст се забрзал од 3,1 процент во првиот квартал на 4,3 проценти во вториот квартал годинава.
Таа се осврна и на структурата на економскиот раст, посочувајќи дека, според податоците на Државниот завод за статистика, градежништвото во вториот квартал бележи реален раст од 21,9 проценти, преработувачката индустрија од 4,1 процент, а секторот информации и комуникации од 4,3 проценти. Истовремено, бруто-инвестициите бележат номинален раст, додека финалната потрошувачка е зголемена номинално за 7 проценти.
Митева истакна дека овие показатели укажуваат на зголемена активност во повеќе значајни стопански сектори, особено во градежништвото, кое има директно и индиректно влијание врз домашните компании, транспортот, производството и инфраструктурниот развој.
Таа потсети дека премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати ја нагласувал важноста на капиталните инвестиции, инфраструктурните проекти и создавањето услови за поголема економска активност.
Сепак, Митева нагласи дека позитивните економски показатели не значат оти сите предизвици се надминати. Таа посочи дека животниот стандард не се оценува само преку статистичките податоци, туку и преку приходите на граѓаните, можностите за вработување и цените на производите и услугите.
„Граѓаните го оценуваат напредокот преку сопствените приходи, можностите за работа, цените на производите и услугите. И тоа е сосема разбирливо“, истакна Митева.
Според неа, позитивните економски резултати претставуваат основа за понатамошен развој и создаваат услови за подобрување на животниот стандард, и покрај сложените надворешни економски околности.
Митева порача дека Владата останува посветена на политики насочени кон долгорочна економска стабилност, поконкурентно стопанство и подобри услови за живот.
Таа заклучи дека одговорноста на Владата е да го одржи позитивниот развоен тренд, да обезбеди стабилност на јавните финансии и да продолжи со реформите, со цел придобивките од економскиот раст да имаат сè поголемо влијание врз секојдневниот живот на граѓаните.