Државниот завод за ревизија, го објави Конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на информациски системи, како ревизија на успешност на тема „Мој Термин – оптимизација на здравствените процеси и подобрување на квалитетот на здравствената заштита”.
Во делот на институционалното управување, со ревизијата е утврдено дека Управата за електронско здравство, иако е надлежна за развој и надградба на интегрираниот здравствен информатички систем, нема ингеренции за спроведување јавни набавки поврзани со „Мој Термин“.
Поимот „Мој Термин” не е регистриран и правно заштитен од надлежните институции, туку од економски оператор со кој Министерството за здравство склучува договори за одржување на системот. Министерството не е носител на авторските права над поимот „Мој Термин”, туку правата ги контролира приватен економски оператор и постои ризик од спорови за интелектуална сопственост.
Во периодот од 01.01.2021 до 30.04.2026 година, системот „Мој Термин“ не бил покриен со договори за одржување вкупно 738 дена, што претставува 37,9% од анализираниот период. Договорите за одржување се склучувале на годишно ниво, без обезбедување на континуитет. Во истиот период, за одржување на „Мој Термин“ и поврзаните системи кај ЈЗУ се вложени 333,3 милиони денари (5,42 милиони евра), при што само 9 % од средствата се однесуваат на националниот здравствен информатички систем, а 91% на други системи во јавното здравство.
Управата за за електронско здравство и Министерството за здравство немаат воспоставено стандарди за сертификација и одобрување на софтверски решенија кои се користат во јавното здравство, ниту механизми за валидација и контрола на внесените податоци.
Посебни слабости се утврдени во областа на ИТ безбедноста и заштитата на личните податоци. Ревизијата утврди дека не се имплементирани процедури и контролни механизми за управување со корисничките пристапи, следење на активностите во системот и заштита на чувствителните податоци.
Во Управата за електронско здравство, има само 29 % од предвидениот број на вработени. Дел од потребите за вработени се покриваат преку договори по дело, кои се склучуваат на годишно ниво.
Утврдено е отсуството на листите на закажани прегледи кај одредени јавни здравствени установи. Ваквите постапки овозможуваат ризик лица без закажани термини за преглед, користејќи ги приоритетните упати без термин и итните упати, да бидат услужени пред пациентите кои имаат уредно закажани термини и за кои чекаат подолг временски период.
Спроведена е и анализа на користење на системот за СМС нотификација за закажан, односно откажан термин. Бројот на доставени СМС пораки за потсетување на закажан термин е драстично помал од вкупниот број на реализирани упати односно претставува само 10,1%.
За надминување на утврдените состојби, дадени се препораки за унапредување на управувањето со системот, обезбедување на континуирано одржување, зајакнување на ИТ- безбедноста и заштитата на личните податоци, како и воспоставување на интегрирани и ефикасни контролни механизми, со цел подобрување на ефикасноста, сигурноста и квалитетот на здравствените услуги.