Најмалку 109 мигранти загинаа, меѓу нив 15 деца, повеќе од сто луѓе се водат за исчезнати откако брод со околу 350 лица потона во водите меѓу Џибути и Јемен.
Станува збор за една од најопасните миграциски рути меѓу Африканскиот Рог и Арапскиот Полуостров. Илјадници луѓе од Етиопија и околните земји преку Џибути и Сомалија патуваат кон Јемен, со цел да стигнат до Саудиска Арабија и земјите од Персискиот Залив.
Рутата е исклучително ризична поради преполни и несоодветни пловила, ограничени спасувачки капацитети и нестабилноста во регионот. Мигрантите влегуваат во Јемен и покрај тоа што земјата се наоѓа во хуманитарна и безбедносна криза откако повторно се засилија борбите, а стотици илјади луѓе се внатрешно раселени.