Најмалку 19 лица се повредени во судир меѓу товарен воз и автобус во северниот дел на Франција. Несреќата се случила во близина на Кокел, недалеку од Евротунелот, кој ги поврзува Франција и Велика Британија, пренесува „Ројтерс“.
Според информациите од локалните власти, ниту еден од повредените не е во животна опасност. Меѓу нив е и возачот на автобусот, додека засега не се објавени дополнителни информации за идентитетот на останатите повредени и тежината на нивните повреди.
По несреќата, на местото веднаш пристигнале екипи на итната медицинска помош и полицијата, а бил испратен и хеликоптер за интервенција.
Судирот се случил во близина на влезот во товарниот тунел во областа на Евротунелот. Надлежните служби работат на утврдување на околностите под кои дошло до несреќата, а причината засега не е официјално соопштена.