Националната установа Музеј – Гевгелија спроведе сондажни археолошки ископувања на локалитетот Раул, во дворот на КПУ Затвор Гевгелија. Според информациите од Музејот, ископувањата кои се одвиваа во изминатите два месеци се дел од проектот „Погребни обичаи и материјална култура во римскиот период на локалитетот Раул“. Проектот е финансиран од Министерството за култура и туризам на Република Македонија во областа на музејската дејност и заштитата на нематеријалното културно наследство.
Стручниот тим кој раководи со истражувањата го сочинуваат м-р Златко Кованцалиев, стручен раководител, м-р Дарко Анѓелковски, археолог и соработник за фотограметрија, м-р Иван Малезанов, археолог од НУ Завод и музеј – Охрид, м-р Милена Решкова, археолог од НУ Стоби и м-р Киро Ристов, археолог во пензија.
Во информацијата од националната установа е наведено дека некрополата Раул за првпат е регистрирана во 1978 година, кога при садењето овоштарник биле откриени четири погребувања од типот „тегули на две води“, кои датираат од III век н. е. Подоцна, во 1991 година, при градежни активности биле откриени делови од ѕидани гробници. По преземањето интервентни мерки од страна на тогашниот Народен музеј – Гевгелија, биле истражени две ѕидани гробници и еден гроб од типот циста.
– Последните истражувања опфатија голем простор, на кој беа поставени седум сонди. Ископувањата во нив се одвиваа до здравицата, но не беа откриени нови погребувања. Со тоа, претпоставките дека височинката на која се наоѓа КПУ Затвор Гевгелија претставува римска некропола од поголем размер не беа потврдени. Според новите сознанија, ѕиданите гробници откриени во 1991 година најверојатно претставуваат семејни погребувања на приватен имот или во близина на некоја римска вила, велат од стручниот археолошки тим.
Истражувањата се вршени во соработка со Управата за извршување на санкциите и КПУ Затвор Гевгелија.