измени во законот за административни службеници

НОВИ ПРАВИЛА ЗА АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ: Ако две години по ред добијат единици им следува отказ

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Собранието ги усвои измените на законот за јавна администрација. Со новините се предвидува секој вработен кој две години по ред ќе добие едница да добие отказ од службата. На измените се спротивставија пратениците од опозцијата, кои не ги поддржа ваквите измени и изразија сомнеж дека дел од одредбите кои предвидуваат санкции за административците ќе бидат злоупотребени.

Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, независноста на собраниската служба не е новина, како што се претставува од страна на власта, потсетувајќи дека вакво решение било воспоставено во периодот од 2020 до 2024 година.

„Луѓето во Собранието го имаа ова пред шест години како право и го има од 2020 година до 2024 година, додека ВМРО-ДПМНЕ не дојде на власт. И се сеќавате дека тоа го укинаа како право“, истакна Спасовски.

Тој потсети дека во 2019 и 2020 година и ВМРО-ДПМНЕ го поддржувала концептот на независна собраниска служба, оценувајќи дека денес е некоректно повторното воспоставување на одредени решенија да се претставува како историски исчекор, без да се признае дека дел од тие права веќе постоеле.

„Да, тоа што сме го направиле заеднички, сме го направиле заеднички. Собраниската служба треба да има независност и тука нема дилема, но собраниската служба не може преку други одредби таа независност да ја губи и на директен начин да се врши собраниски притисок, политички, којшто го има“, нагласи Спасовски.

Тој предупреди дека одредбите за преместување, оценување и дисциплинска одговорност на административните службеници можат да отворат простор за злоупотреби и политичко влијание врз вработените.

Фото: СДСМ

Со законските измени се воведува јасна правна последица за службениците кои континуирано добиваат најниска оценка во текот на две последователни години. Престанокот на работниот однос ќе настапува по сила на закон.

Целта на новото решение е да се зајакне одговорноста во администрацијата и да се обезбеди поефикасно работење на институциите.

Измените предвидуваат и укинување на можноста за унапредување без објавување интерен оглас, со што треба да се обезбедат еднакви можности за сите административни службеници и доследна примена на мерит-системот.

Од опозициската СДСМ не ги поддржаа законските измени. Од партијата предупредија дека одредбите за оценување, преместување и дисциплинска одговорност можат да отворат простор за злоупотреби и политички притисоци врз вработените.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, оценија дека со измените се исправуваат недостатоци од претходниот период.

Најнови вести