Услугите на Алта банка АД Битола од денес се достапни и за скопјани. Отворена е експозитурата во Трговскиот центар „Бисер“, со адреса на булевар „Јане Сандански“ бр. 1/1.
Со тоа, клиентите од Скопје и околината ќе добијат полесен пристап до банкарските услуги без потреба да патуваат во другите градови, нагласуваат од Народната банка.
Продолжуваат со работа и експозитурите во Битола, Струмица и Тетово, каде што клиентите можат да подигаат готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања, како и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.
Народната банка продолжува со постепено олеснување на условите за клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола. Со најновата измена на Решението за администрација се овозможува исплата на плати, заедно со уплата на соодветните даноци и придонеси, за компаниите што во последните три месеци редовно исплаќале плати преку платежните сметки во Банката.
Оваа можност се однесува на компаниите за кои исплатата на плати преку „АЛТА банка“ АД Битола претставува воспоставена практика, односно кои континуирано ја користеле Банката за оваа намена и во трите месеци пред донесувањето на одлуката. Исто така, износот на средствата кои може да се користат од платежната сметка на фирмата во „АЛТА банка“ за исплата на платите може да биде повисок до 5% во однос на вкупниот износ на платите исплатени во октомври. На овој начин се овозможува продолжување на постојните текови на исплата и исполнување на обврските кон вработените и државата, а истовремено се задржува контролата врз одливите на средства од Банката.
Со измената се овозможува и физичките лица во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, доколку средствата доаѓаат од платежни сметки отворени кај други банки и даватели на платежни услуги. Тоа значи дека граѓаните можат без ограничување на износот да ги користат средствата коишто дополнително ќе им бидат уплатени врз оваа основа.
Народната банка внимателно ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и продолжува со приспособување на мерките, имајќи ги предвид условите за работење на Банката и потребите на нејзините клиенти. Притоа, приоритет остануваат заштитата на интересите на клиентите и постепеното олеснување на ограничувањата, со задржување на соодветната контрола врз одливите на средства.