Претседателката Сиљановска-Давкова и министерката Божиновска учествуваат на COP31 во Анталија

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска учествува на Лидерскиот самит во рамки на 31. Конференција на страните (COP31) на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, што се одржува во Анталија, Република Турција.

Во состав на државната делегација, предводена од претседателката Сиљановска-Давкова, е и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, како и министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамет Хоџа.

Предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да се обрати на првата пленарна сесија за шефови на држави и влади, како и да учествува во дијалогот на високо ниво посветен на транзицијата кон чиста енергија и електрификацијата. Во рамки на самитот се планирани и билатерални средби со дел од учесниците.

На Лидерскиот самит учествуваат светски лидери, претставници на влади и меѓународни организации, кои разговараат за актуелните климатски предизвици, унапредувањето на глобалната климатска акција и зајакнувањето на меѓународната соработка во справувањето со климатските промени.

Учеството на министерката Божиновска е во насока на следење на глобалните процеси и иницијативи поврзани со климатските политики и енергетската транзиција, како и размена на искуства и продлабочување на соработката со меѓународните партнери во овие области.

Присуството на македонската делегација на COP31 претставува можност за активно вклучување во меѓународните дискусии за климатските промени, транзицијата кон чиста енергија, електрификацијата и одржливиот развој.

Работната посета на македонската делегација на Анталија се реализира во периодот од 10 до 13 ноември 2026 година.

Најнови вести