Премиерот Христијан Мицкоски, сведочејќи на надзорната расправа во Собранието во врска со преземањето на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка, посочи дека одлуката за отуѓување на државните акции била донесена уште во 2023 година, за време на владата на СДСМ и ДУИ.
Мицкоски истакна дека на владина седница одржана на 24 октомври 2023 година, на предлог на тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими, било изгласано да му се даде право на Државното правобранителство да ги отуѓи акциите што биле во сопственост на државата.
„Владата на СДСМ и ДУИ на владина седница во 2023 година гласале да се даде право на Државното правобранителство акциите, сопственост на Македонија, во банката која ја купува Давор Мацура, да ги отуѓи. Се поставува прашањето каков е тој тогаш капитал, дали е поинаков, дали Вучиќ не бил режим кога го молеа и правеа театар кога купуваа вакцини или можеби во 2023 година имало други околности“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека јавноста треба да знае кој ја носи политичката одговорност за одлуките поврзани со државниот удел во банката.
„Сакам македонската јавност ова да го знае, дека Македонија како држава во деловни односи со Алта на Мацура ја носи владата на СДСМ и ДУИ, на предлог на Фатмир Бесими, тогашен министер, а гласаат и министрите на СДСМ, на 24 октомври 2023 година“, истакна премиерот.
Осврнувајќи се на постапката за преземање на Стопанска банка Битола, Мицкоски објасни дека Алта банка ги купувала акциите од приватните акционери, додека Владата, поради распишаните локални избори во 2025 година, немала можност да дава насоки на јавните претпријатија за располагањето со нивните акции.
„Алта банка ја купува Стопанска банка Битола од приватни акционери. Понатаму, бидејќи беа распишани локалните избори во 2025 година и бидејќи почитуваме закон, немавме можност да дадеме насоки на јавните претпријатија или акционерите како да постапат“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека по завршувањето на купопродажбата било објавено дека Давор Мацура станал квалификуван мнозински сопственик на Стопанска банка Битола со 80 проценти од акциите.
„Откако заврши целокупната купопродажба, Службен весник објавува дека квалификуван мнозински сопственик на Стопанска банка Битола е Давор Мацура. Тој е сопственик на 80 проценти. Завршуваат изборите и тогаш на седница на Влада ние носиме одлука со која им препорачуваме на управните одбори на јавните претпријатија да одлучат што ќе прават со акциите во Стопанска банка“, посочи Мицкоски.
Со ова, премиерот направи разграничување меѓу одлуката од 2023 година за отуѓување на државните акции и постапувањето на актуелната Влада по завршувањето на локалните избори во 2025 година, нагласувајќи дека одлуките за акциите на јавните претпријатија треба да ги донесат нивните управни одбори.