Министерството за дигитална трансформација ја информира јавноста дека до Агенцијата за електронски комуникации е доставен нов налог за блокирање дополнителни 104 веб-страници преку кои нелегално се приредуваат онлајн игри на среќа. Со ова, вкупниот број записи опфатени со досегашните налози за блокирање достигнува 462.
,,Овие мерки се насочени кон заштита на граѓаните во интернет-просторот, вклучително и од ризиците поврзани со споделување лични и финансиски податоци на нелегални платформи за игри на среќа. Посебен акцент се става на заштитата на малолетниците и спречувањето на нивната изложеност на онлајн коцкање”, стои во соопштението на Министерството за дигитална трансформација.
Согласно доставениот налог, АЕК е должна во рок од пет дена од неговото добивање да го проследи до операторите на електронски комуникациски мрежи. Операторите треба веднаш да постапат по налогот и да го ограничат пристапот до наведените веб-страници, со прикажување соодветно известување за причината за блокирањето.
Министерството за дигитална трансформација апелира до граѓаните да бидат внимателни и да не споделуваат лични и финансиски податоци на непроверени веб-страници. Воедно, ги повикува родителите и старателите да посветат дополнително внимание на онлајн активностите на децата и да разговараат со нив за ризиците во интернет просторот.