Александар Вучиќ се огласи на својот профил на Инстаграм, наведувајќи дека вчера бил прекинат преносот од седницата на Собранието на Автономната Покраина Војводина на јавниот сервис на Војводина.
Тој порача дека ќе се бори со мирни и демократски средства за граѓаните на Србија да имаат можност да слушнат и поинакво мислење.
„Вчера, по 35 години, некому му текна да го укине преносот од едно собрание. Седницата на Покраинското собрание вчера не можеше да се следи на јавниот сервис на Војводина, бидејќи нашите нобеловци заклучиле дека нема потреба од тоа, дека тие веќе доволно и успешно известуваат и дека народот не мора да ги слуша оние што размислуваат поинаку“, изјави Вучиќ.
Тој праша дали токму за ова се бореле оние што зборувале за демократија.
„Ги прашувам сите оние што ни зборуваа за демократизација на општеството, за институциите, дали е ова она за што се бореа? За првпат да мораме да стравуваме дали ќе има собраниски преноси или не. Што се однесува до преносите од Собранието на Србија, ќе ги има, бидејќи ако ги нема, нема да има ниту седници на Народното собрание, а за тоа ќе се избориме со сите мирни и демократски средства. Нема да користиме ниту димни бомби, ниту петарди, но Србија не може да издржи и нема да трпи демократијата и сите институции во земјата да бидат укинати тукутака, преку ноќ“, изјави Вучиќ.
„Револуционерите вчера го укинаа преносот од седницата на Собранието на АП Војводина на јавниот сервис. Во последните 35 години никому не му паднало на памет да направи такво нешто. Со сите мирни и демократски средства ќе се бориме граѓаните на Србија да имаат можност да слушнат и поинакво мислење“, напиша Вучиќ во описот на видеото.
View this post on Instagram