Украинскиот претседател Володимир
Зеленски изрази надеж дека победата на демократите на изборите за Конгресот во САД ќе донесе поголема воена помош за Украина и ќе го принуди рускиот претседател Владимир Путин да преговара.
Во интервју за емисијата „Magazin Royale” на каналот ZDF, Зеленски зборуваше за американската политика, можноста за одржување избори во Украина за време на војната, германските ракети „Таурус” и предлогот за зимско примирје.
„Им реков на Американците, можете да постигнете договор со Русите за прекин на огнот во текот на зимата. Тогаш луѓето ќе имаат електрична енергија и вода, а во тој период можеме да одржиме избори”, истакна украинскиот лидер Зеленски.
Според украинскиот претседател, демократите најавиле зајакнување на односите меѓу САД и Европа, како и продолжување на воената и финансиската помош за Киев. Тој верува дека посилната поддршка од Западот би можела да влијае на одлуките на рускиот претседател Владимир Путин за продолжување на војната.
Украинскиот претседател зборуваше и за притисокот од Вашингтон и Москва врз Украина да одржи претседателски избори, и покрај војната. Според него, изборите во услови на војна не би биле фер, бидејќи милиони Украинци не би можеле да учествуваат на нив.