Зеленски утре во Турција на средба со Ердоган, во фокусот безбедноста во Црното Море

  • 1 минута читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 31 октомври ќе ја посети Турција, каде што ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. На средбата во Истанбул ќе се разговара за војната меѓу Русија и Украина, како и за безбедносната состојба во Црното Море, соопшти турското претседателство.

За посетата информираше директорот за комуникации на турското претседателство, Бурханетин Дуран, преку објава на социјалната мрежа Икс. Тој посочи дека разговорите ќе бидат насочени и кон можностите за продлабочување на билатералната соработка меѓу Турција и Украина, како и кон актуелните регионални и меѓународни прашања.

Турција, која одржува односи и со Москва и со Киев, во последниот период изразува загриженост поради нападите врз трговските бродови во Црното Море. Турскиот претседател Ердоган ги оцени ваквите напади како „неприфатливи“ во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации во септември.

Анкара досега беше домаќин на неколку рунди преговори меѓу Русија и Украина, насочени кон постигнување траен прекин на огнот и мировен договор.

По телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп на 28 октомври, Ердоган изјави дека Турција е подготвена да ги поддржи напорите за обновување на дипломатскиот процес меѓу Москва и Киев и завршување на војната преку преговори.

Најнови вести