25 години од терористичките напади врз САД

Четвртина век од нападите што трајно го променија светот и пристапот кон терористичките организации.

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

На 11 септември 2001 година, 19 терористи поврзани со Ал Каеда киднапираа четири патнички авиони и ги употребија како оружје против САД.

Два авиони удрија во кулите-близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк, трет во Пентагонот во Вирџинија, а четвртиот, чија цел веројатно биле некоја од Федералните згради, Белата куќа или Капитолот, се урна во поле во Пенсилванија, откако патниците се спротивставиле на киднаперите. Во нападите загинаа 2.977 луѓе, а уште илјадници беа повредени.

Нападите беа документирани во реално време преку телевизиски преноси во живо, лични камери на минувачи и радиоснимки од службите за итна помош.

Само неколку часа подоцна САД
соопштија дека нападите се дело на терористичката организација Ал Каеда. Групата е формирана помеѓу 1988 и 1989 година од Осама бин Ладен, Ајман ал-Завахири и нивни соработници. Ал Каеда е позната по самоубиствените, но и координирани напади врз повеќе цели.

Се уште нема пресуда за „главниот архитект на нападите од 11 септември“

Во заедничка операција на пакистанските
власти и ЦИА, на први март 2003 година во Пакистан, уапсен е Халид Шеик Мохамед.

Тој во извештај на Националната комисија за терористички напади врз САД е посочен како „главен архитект на нападите од 11 септември“. Судскиот процес против Мохамед требаше да почне во јануари 2021 година, но постапката беше одложена делумно и поради пандемијата Ковид-19. Во август годинава воен судија закажа нов датум на судење за Мохамед и други тројца обвинети на 5 јуни 2028 година.

НАТО го активираше членот 5

На 12 септември 2001 година, НАТО за првпат го активираше членот 5 од основачкиот договор, кој предвидува колективна одбрана, односно, сметајќи ги нападите за напад врз сите земји-членки.

Неколку недели по нападите, на 26 октомври 2001 година, американскиот Конгрес го усвои Патриотскиот акт, со кој значително се проширија овластувањата на безбедносните служби.
А подоцна беше формирано Министерството за домашна безбедност, во кое подоцна беа обединети 22 федерални агенции, како најголема реорганизација на американската федерална власт по формирањето на Министерството за одбрана во 1947 година.

11 септeмври го промени светскиот пристап кон безбедноста

На глобално ниво воведени се построги правила за патување биометриски пасоши, а на аеродромите се инсталирани скенери.
ЕУ предупреди на нова закана 25 години по 11 септември, бидејќи младите преку интернет бараат насилни возбудувања. Вкупно изминатата година, беа пријавени 45 терористички напади во 10 од 27 земји на ЕУ, иако ниту еден од нив не беше голем инцидент со масовни жртви. Околу половина беа спречени или неуспешни.

486 лица осомничени за терористички врски беа уапсени лани во 21 земја- членка, објави Европол. Во извештајот се нотира дека за разлика од пред 25 години кога екстремисти, претежно од Саудиска Арабија, влегоа во САД и се обучија да станат смртоносни пилоти – терористичката закана со која се соочува Европа денес е претежно организирана преку интернет.

Најнови вести