Мицкоски: Целта е јасна, да бидеме земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Потпишана Националната програма за достоинствена работа 2026-2030. Со програмата, целта е јасна, да бидеме земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот. Во соработка со Меѓународната организација на трудот (МОТ), програмата предвидува реформи во трудовото законодавство, модернизација на институциите, зајакнување на инспекцискиот надзор и развој на нови вештини.

,,Зборуваме за една од најважните теми за секое општество. За работата. За човекот кој создава, гради и со својот труд го обезбедува животот на своето семејство. Зборуваме за достоинството на трудот, за правото на секој човек да има пристојна работа, праведна плата, безбедни услови и можност да напредува. Економијата не се состои само од бројки, статистики и проценти. Зад секоја бројка стои човек. Зад секоја плата стои семејство. Зад секое ново работно место стои надеж за подобар живот”, изјави премиерот Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека како држава сакаме економија која расте, но уште поважно, економија чиј раст го чувствуваат граѓаните, а тоа е обврска на Владата, на работодавачите, на синдикатите и на сите институции коишто имаат одговорност за иднината на македонската економија. Според него, државата сака повеќе инвестиции, но инвестиции кои создаваат квалитетни и доброплатени работни места.

,,Изминативе години се соочувавме со сериозни предизвици. Недостиг од квалификувана работна сила, иселување на младите, недоволна продуктивност, неусогласеност меѓу образованието и потребите на компаниите. Тоа се проблеми кои не се решаваат преку ноќ. Но се решаваат со јасна стратегија, со одлучност и со партнерство. Ние сакаме економија која расте, но уште поважно, економија чиј раст го чувствуваат граѓаните”, рече шефот на Владата, Христијан Мицкоски.

Во однос на младите, премиерот истакна дека сака младите својата иднина да ја гледаат дома и тука да ја добијат својата прва шанса, тука да градат кариера, тука да создаваат семејства и тука да ги остваруваат своите амбиции, наместо надвор од земјава.

,,Верувам дека најголемиот ресурс на нашата земја не се само природните богатства, инфраструктурата или инвестициите. Нашето најголемо богатство се луѓето. Работникот во фабриката. Земјоделецот на нивата. Лекарот во болницата. Наставникот во училиштето. Инженерот, претприемачот, занаетчијата. Секој човек кој со својот труд придонесува за нашата заедничка иднина.
Нивниот труд заслужува почит. Нивната работа заслужува сигурност. Нивните семејства заслужуваат подобар живот.
И затоа нашата задача не е само да отвораме нови работни места, туку да создаваме услови во кои секое работно место ќе носи перспектива, достоинство и надеж”, рече Мицкоски.

Најнови вести