Антивладини протести

Албанија го стега обрачот, казни од 5.500 евра за насилни демонстранти

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Албанската влада воведува нови механизми за справување со насилните демонстрации. Усвоени се пакет – мерки за борба против насилството на протестите, вклучувајќи казни до 500.000 леки, или околу 5.500 евра. Највисоката казна е за лице кое не почитува полициска наредба за повлекување од собир и го крие својот идентитет. За други прекршоци се пропишани пониски казни од по илјада евра. Пакетот, исто така вклучува електронски регистар на лица кои се упатени до обвинителството или се под истрага за насилни злосторства извршени на јавни собири.

Законските измени предвидуваат исклучоци кога покривањето на лицето е оправдано од здравствени или религиозни причини и за вршење професионална дејност, како што е новинарство или обезбедување
медицинска нега.

Полицијата ќе може привремено да
забрани или ограничи собири во близина на образовни, здравствени и државни институции доколку постои ризик од насилство. Ограничувањето може да трае до 72 часа и може да се продолжи еднаш.

Владата, исто така, најави државна отштета за мали бизниси кои претрпеа штета од вандализам и грабежи за време на протестите. Мерките стапија на сила веднаш и мора да бидат ратификувани од парламентот во рок од 45 дена.

Антивладините протести во Тирана веќе траат со месеци од страна на движењето кое е против изградбата на проектот за луксузен хотел од страна на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.

На овие демонстрации се приклучија студентите со барања поврзани со решавање на корупцијата, здравствениот систем и недостатокот на перспективи за младите луѓе и оставка од премиерот Еди Рама. Во немирите за време на демонстрациите стотици беа уапсени, а голем број владини објекти беа оштетени.

Најнови вести